Св.Наум

×

На најужниот дел од Охридското Езеро,непосредно пред границата со Албанија,  се наоѓа еден од најпосетените манастирски комплекси во земјата.

Централно и најважно место во комплексот, е црквата изградена од самиот Св.Наум Охридски, посветенан на Светите Архангели од почетокот на X век.

По доаѓањето во охридскиот крај, како би му помогнал и на Св.Климент во мисијата за ширење на христијанството на словенски јазик, Св.Наум почнува да ја гради црквата, но и својата исклучителна исцелителска моќ ја користи за секој добронамерник без разлика која вера ја прифаќа како своја.

Бројните преданија, легенди и сведоштва,  низ вековите зборуваат за  аџии од околните земји и од разни вероисповеди како доаѓаат на ова свето место изразувајќи длабока почит и култ кон големиот светец посебно во деновите на празникот Св.Наум (3 ти Јули и 5 ти Јануари) и се поклонуваат на неговиот гроб.

Од првобитната Наумова црква, денес е сочуван трибелонот на кој се гледаат глаголско-кирилски натписи на неговите столбови зборувајќи за најстарата словенска писменост.

Според различни  извори, црквата била уништена или во XV и  XVI век, или при крајот на XVIII век од страна на Али Паша Јанински.Нејзиното обновување започнало во втората половина на XVIII век (за време на јеромонахот Григориј), па во XIX век(за време на игуменот Стефан) ,од кога и потекнува денешното фрескосликарство од зоографот Трпо од Корча, кој претходно работел на Атос.

Посебно место во фрескоживописот е сликарството во погребната капела во црквта од 1800 година со акцент на животот и чудата на Св.Наум и претставата за словенските светители Седумчисленици.

Останатиот дел од црквата-наосот и нартексот  е насликан во 1806 година и целиот циклус претставува еден од најзначаните конзервирани фрескописи од XIX век.

Во внатрешноста на црквата, посебна убавина и уметност е и самиот иконостас, кој е направен во 1711  од позлатено дрво и резба карактеристична за тоа време и за црквите на некои грчки острови, на Атос и Епир.

Иконите на самиот иконостас се дело на повеќе мајстори под водство на јеромонахот Константин и неговите ученици, што го гледаме од некои натписи.

Големите празнични икони се препишуваат на Давид(само две се зачувани, останатите се украдени), а Дејзисот и Царските Двери на Михаил од Охрид.

Во 1875 година, манастирскиот комплекс го зафаќа голем пожар, при што училиштето , заедно со останатите придружни згради се уништиле.

Голема штета манастирот претрпува и за време на двете светски војни, кога се ограбени поголем дел од црковните збирки и богатства.

Монашкиот живот е обновен во 1991 година и во комплексот се изградени и камбанарија и други помошни објекти кои придонесуваат да се продолжи култот кон светецот, кон неговите исцелителски моќи и воопшто кон христијанството како религија.

Ознаки за производ