Галерија на икони

×
1 / 4
2 / 4
3 / 4
4 / 4

Во културното наследство на градот Охрид и воопшто на целата наша земја, видно и мошне значајно  место зазема Галеријата на икони, која со својата непроценлива збирка се вбројува меѓу најзначајните светски колекции и ја позиционира на исто рамниште со збирките во Синај, Атос и Москва.

Објектот во која денес  е сместена постојаната поставка од 37  величествени икони, датира од периодот меѓу  1845 и 1850г. и  во текот на историјата имал различни намени (спортска сала, библиотека, седиште на охридскиот театар и други потреби на локалното население), се до 1981-1983 кога се реконструира и обновува и се доделува на управување на Народен Музеј Охрид.

Конечниот изглед со микроклиматски и безбедносни услови, го добива во 2000г.- јубилејна година за христијанството.

Најпрвото изложување на иконите од оваа збирка било во 1961г. во надворешната припрата на црквата Св.Богородица Перивлепта на XII Византолошки Конгрес.

Оттогаш, скоро и да нема изложба во светот за византиската уметност, а да не се изложени некои од вредните икони од нашата вредна колекција-Љубљана, Париз, Токио,Сараево, Ватикан,Рим, Њу Јорк и многу други.

Низ хронолошко поставената поставка, може да се увиде развојот на иконосликарството  почнувајќи од XI до почетокот на  XX век.

Некои од иконите се изработени од охридските работилници, некои се подарок за црквата од Цариград и Солун или од познати црковни дејци, со потенцирање на иконите од “Палелоговската Ренесанса”и литииските икони, насликани од двете страни.

Материјалите од кои се изработени се висококвалитени и природни, кои бараат дополнителна грижа и конзервација.

Освен постојаната поставка почнувајќи од најстарата икона од овие простори(Св.Василиј и Св.Никола од 1045/50) и завршувајќи со икони од првите децении на XX век, во Галеријата е отворен за посета и долниот изложбен простор, каде се изложени и видни фреско-копии и друг вреден уметнички  материјал кој сведочи за достигнувањата на нашите предци.

 

Лоцирана во црковниот комплекс на С.Богородица Перивлепта, со прекрасен поглед кон Самуиловита Тврдина-Цитадела, езерото и Античкиот Театар